Плажите во Европа се отвораат,но...
четврток, 21 мај 2020
plazi1w.jpgПо неколку месеци седење дома поради коронавирусот, државите почнаа да попуштаат со рестриктивните мерки, дозволувајќи им на луѓето да ги користат плажите. Воведени се нови протоколи и првенствено треба да се почитува социјалното дистанцирање.

Грција викендов отвори повеќе од 500 плажи и објави дека ќе ја почне туристичката сезона на 15 јуни. Според владините мерки, меѓу чадорите треба да има растојание од најмалку четири метри, а на илјада квадратни метри не смее да има повеќе од 40 луѓе.

 

Во Франција важат некои други правила. Плажите на северот на земјата и долж Средоземното Море се отворени само за луѓето кои живеат во таканаречените зелени зони, каде што има малку случаи на зараза. Дозволени се пливање, сурфање и риболов, но не и сончање и долго задржување на плажите.

Повеќето плажи во Италија засега се затворени и регионалните и локалните власти ќе решат до кога ќе биде така. Новите правила налагаат чадорите да бидат оддалечени 4,5 метри, а тушевите и баровите редовно да се дезинфицираат.

Барселона вчера повторно ги отвори плажите и парковите. Иако властите дозволуваат плажите да се користат само за прошетка и вежбање, голем број луѓе не го почитуваа тоа, па полицијата мораше да ги станува од песокот.

„Да уживаме во плажите одговорно! Запомнете дека пливање, сончање и групно спортување не се дозволени“, предупреди полицијата на Твитер.