Кина ќе стави под карантин над 18 милиони луѓе поради...
четврток, 23 јануари 2020
karantin1q.jpgКинеските власти објавија дека ќе затворат уште два града, во досега невидени обиди да се спречи ширењето на новиот смртоносен вирус, од кој досега починале најмалку 17 луѓе.

Откако денеска беше запрен целиот јавен превоз во Вухан, кој важи за центар на заразата, исти мерки ќе бидат спроведени и во Хуангганг и Еџоу во централна Кина. Ова предвидува затворање на аеродромите и железничките станици во овие градови, како и запирање на автобуси, метро и траекти.

Имајќи предвид дека во овие три градови живеат повеќе од 18 милиони луѓе, новите мерки се опишани како најголемиот карантин во историјата.

Државната телевизија објави дека Пекинг откажал низа настани поврзани со прославите на Лунарната нова година, период во кој милиони луѓе патуваат дома, што ги зголеми стравувањата од забрзано ширење на вирусот, кој засега нема име.

Досега е потврдено дека има над 630 заразени, најмногу во Кина, но неколку случаи има и во Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, Сингапур, Хонгконг и Тајван, како и еден во САД. Кинеските власти кажаа дека речиси 100 пациенти се во критична состојба.