Првиот музеј на електронска музика во Европа се отвора
среда, 22 јануари 2020
elektronska1q.jpgПрвиот музеј на електронската музика во Европа ќе се отвори оваа пролет во германскиот град Франкфурт.

Основањето на Музејот на модерната електронска музика (Момем) го следеа големи финансиски проблеми, што конечно беа решени во декември, кога градските власти на Франкфурт одобрија заем од 500.000 евра.

„Работиме нон-стоп на подготовките и се надеваме дека ќе го отвориме на пролет. Но, има уште работа“, вели Алекс Азари, еден од основачите на Момем.

Франкфурт важи за едно од родните места на електронската музика во Европа и основачите на музејот велат дека тој ќе оживее дел од локалната историја, која ги опфаќа и легендарните техно клубови „Доријан Греј“, „Омен“ и „У60311“.

„Постојаната поставка ќе содржи колекција на легендарни оригинали, како инсталации, фотографии и дела на визуелни уметници, што ќе се дополнува со привремени изложби на разни теми и жанрови“, стои на интернет страницата на Момем.

Како еден вид културен центар, тука исто така ќе се одржуваат промоции на албуми, филмски проекции и клупски журки.