Шарапова ја чека неизесна тениска иднина
вторник, 21 јануари 2020
sarapova12.jpgМарија Шарапова призна дека нејзината тениска иднина е неизвесна откако загуби во првото коло на Отвореното првенство на Австралија, поради што ќе падне под 350. место на ВТА-листата.

Некогашната најдобра светска тенисерка загуби од Дона Векиќ со 3:6, 4:6, по што кажа дека не знае дали и следната година ќе игра во Мелбурн.

„Не знам дали ова беше мојот последен настап во Мелбурн. Тешко е да се каже што ќе се случува за 12 месеци. Среќна сум што можев да бидам овдека оваа година“, изјави 32-годишната Русинка, која својата единствена титула на Австралија опен ја освои во 2008.

Шарапова, која го играше првиот меч од септември, трипати по ред губи во првото коло на гренд слем турнирите, но ова ѝ беше најрана елиминација во Мелбурн од 2010 година.

Таа е една од малкуте тенисерки кои ги имаат освоено сите четири гренд слем турнири и нејзиниот пад почна во 2016 година, кога имаше позитивен допинг-тест токму на Австралија опен, за што доби 15-месечна суспензија. Оттогаш, најдобар резултат ѝ е четвртфиналето на Ролан Гарос во 2018.