Златна веце шолја украдена од англиската палата Бленх
сабота, 14 септември 2019
zlatnas1q.jpgВеце шолја направена од 18-каратно злато е украдена од англиската палата Бленхајм само два дена откако беше отворена за јавност.

Станува збор за дело на италијанскиот концептуален уметник Мауризио Кателан наречено „Америка“, кое во 2017 година му беше понудено на Доналд Трамп во Белата куќа.

Локалната полиција објави дека банда упаднала во палатата во раните утрински часови и ја однела шолјата, при што предизвикала сериозни оштетувања и поплава, имајќи предвид дека таа била поврзана на санитарната мрежа во зградата и можела да се користи. Шолјата засега не е пронајдена, но во врска со грабежот бил уапсен 66-годишен маж.

Палатата од 18. век се наоѓа под заштита на УНЕСКО и е роден дом на Винстон Черчил.

Посетителите на изложбата на Кателан можеа слободно да ја користат шолјата, при што тоа беше ограничено на три минути за да се избегнат редици.

„Веруваме дека група криминалци користела најмалку две возила при грабежот. Уметничкото дело засега не е пронајдено“, изјави детективот Џес Мајлн.