Рафа го освои УС Опен
понеделник, 09 септември 2019
uso1q.jpgРафаел Надал се доближи на чекор до рекордот на Роже Федерер, откако по четврти пат го освои Отвореното првенство на САД, враќајќи се по голем пресврт на Данил Медведев.

Триесет и тригодишниот Шпанец славеше со 7:5, 6:3, 5:7, 4:6, 6:4 против петтиот носител во мечот кој траеше четири часа и 50 минути, само четири минути пократко од најдолгото финале на Ју-Ес опен.

„Ова беше една од најемотивните ноќи во мојата кариера. Ова беше неверојатно, лудо финале“, изјави Надал.

Тоа е неговата 19. гренд слем титула и му треба само уште една за да го достигне рекордерот Федерер.

„Сакам да му честитам на Рафа. 19 гренд слем титули е нешто неверојатно, незамисливо“, кажа Медведев, кој првпат играше гренд слем финале.

Од првиот триумф на Шпанецот на Ролан Гарос во 2005 година, големата тројка Федерер-Надал-Ѓоковиќ има освоено 51 од 59-те гренд слем титули. Последниот кој успеа да им се замеша беше Станислас Вавринка на Ју-Ес опен во 2016.