Трамп ненадејно го откажа мировниот договор со...
недела, 08 септември 2019
tramp1t.jpgАмериканскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги откажал мировните преговори со талибанците, со што требаше да се стави крај на 18-годишната војна на САД во Авганистан. Трамп твитна дека денеска требаше да се состане со авганистанскиот претседател Ашраф Гани и високи лидери на талибанците, но ја откажа тајната средба во Кемп Дејвид, откако милитантите признаа дека стојат зад неодамнешниот напад во кој загина американски војник.

САД го нападнаа Авганистан и ги соборија талибанците од власт во 2001. Милитантите беа засолниште за мрежата на Ал Каеда за планирање на нападите на 11 септември 2001 врз САД.

Извор од политичката канцеларија на талибанците во Доха за Би-Би-Си изјави дека групата ќе одржи „итен внатрешен состанок“ за да разговара за одлуката на Трамп.

Средбата лице в лице со талибанците во Кемп Дејвид, непосредно пред 18-годишнината од нападите на 11 септември, ќе беше исклучителен дипломатски потег на американскиот претседател. Главниот американски преговарач во понеделникот најави мировен договор „во принцип“. Тоа беше резултат на девет рунди разговори помеѓу претставниците на САД и талибанците, што се одржаа во Доха, главниот град на Катар. Но, синоќешните твитови на Трамп изгледа ќе стават крај на скоро една година макотрпни преговори што ја исклучија авганистанската влада во Кабул, која талибанците не ја признаваат и ја сметаат за американски марионети.