Франција на Албанија и' пушти хмна на Андора
недела, 08 септември 2019
andora1w.jpgСелекторот на Франција Дидје Дешамп јавно се извини откако пред почетокот на квалификациската средба со Албанија беше пуштена погрешна химна за противникот.

Играчите на Албанија зачудено гледаа додека на стадионот „Стад де Франс“ одеше химната на Андора, што предизвика десетминутно одложување на почетокот на средбата, бидејќи Албанците не сакаа да играат додека не се исправи грешката.

Домаќините дополнително се посрамотија кога официјалниот спикер на стадионот им се извини на „фановите на Ерменија“, пред да сфати дека Франција игра со Албанија и се исправи.

„Им се извинувам на сите во албанската репрезентација. Тоа е нешто што не би требало да се случува, но се случи. Ги разбирам Албанците и логично е што сакаа да ја слушнат својата химна пред почетокот на мечот“, изјави Дешамп.

Откако за проблемот беа известени судиите, тие дозволија почетокот на мечот да биде одложен, за да се пушти вистинската химна.

Светскиот првак не дозволи овој бизарен момент да го поремети и победи со 4:1.