Здравствен дом во Охрид набави амбулантно возило
понеделник, 12 август 2019
novov1q.jpgЗдравствен дом Охрид набави ново амбулантно возило и има 16 нови вработени. Од Министерството за здравство велат дека возилото, кое е опремено со комплетна медицинска опрема, Здравствен дом Охрид го набави со сопствени средства, а вкупната вредност е 4,6 милиони денари.

„Во оваа установа во изминатиот период на неопределено време вработени се осум лица, а осум на определено, на кои во периодот што следува ќе им биде трансформиран работниот однос од определено на неопределено време“, велат од Министерство за здравство.

„Работиме на унапредување на примарната здравствена заштита, со подобрување и обновување на медицинската опрема и возниот парк на Итната медицинска помош. Со ова возило ќе ја подигнеме ефикасноста на примарната здравствена заштита, особено во летниот период кога во нашиот град има зголемен број туристи“, вели директорката на Здравствен дом Охрид Ајсел Зејноска.

Од Министерство за здравство велат дека е набавено уште едно патничко возило за патронажната служба, работни униформи, обувки, и два ЕКГ апарати, стоматолошки стол, стерилизатор, апарати за крвен притисок и поголем број стетоскопи.