Новиот британски премиер треба да импресионира мачка
четврток, 25 јули 2019
macorod1q.jpgБорис Џонсон вчера и официјално ја презеде премиерската функција во Велика Британија и една од неговите први работи ќе биде да импресионира мачка.

Мачорот Лари моментално е носител на титулата Главен фаќач на глувци во премиерскиот кабинет на улицата Даунинг 10 и тој во 2011 беше донесен од Дејвид Камерон, кој беше тажен што не може да го земе со себе откако поднесе оставка во 2016.

„За жал, не можам да го земам Лари. Тој ѝ припаѓа на куќата и вработените многу го сакаат, исто како и јас“, изјави тогаш Камерон.

Неговата наследничка Тереза Меј кога дојде во Даунинг 10 призна дека повеќе е по кучиња, но „е среќна што го гледа Лари“. Тој беше тактички отстранет од полицијата кога Меј поднесуваше оставка, со цел да не ѝ го украде фокусот.

Пред Лари, постојан миленик на Даунинг 10 беше црната мачка Сибил, а најдолг стаж од 13 години имаше Вилберфорс, кој пречека дури четири премиери. Според официјалните податоци, најран познат Главен фаќач на глувци е Питер од 1929 година.

Британските медиуми пишуваат дека Лари можеби нема да биде толку заинтересиран за новиот премиер бидејќи е во конфликт со мачорот Палмерстон од Министерството за надворешни работи.