Владата го повлече Законот за Охридскиот Регион
вторник, 23 јули 2019
ohridski1w.jpgВладата на денешната седница донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и им препорача на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство, соопштија од Владата.

Истовремено, велат од Владата, им се препорачува на општините Охрид и Струга, во рок од 10 дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и во рок од два дена по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Овие министерства со одлука на денешната седница добија задолжение да ја координираат меѓуинституционалната активност за спроведување на препораките на УНЕСКО и еднаш месечно да ја информираат Владата за прогресот во имплементација на препораките.

На денешната седница, Владата го усвои новиот текст на Предлог-законот за Јавното обвинителство и е донесена одлука да биде испратен на усвојување во Собранието со европско знаме и во скратена постапка.