Државата презема дел од ингеренциите на Охрид и Струг
петок, 19 јули 2019
prezemain1q.jpgПремиерот Зоран Заев најави дека државата ќе ги преземе ингеренциите во градежништвото од општините Струга и Охрид со цел да бидат исполнети препораките на УНЕСКО за да не биде ставен Охридскиот Регион на листата на загрозено светско наследство. Заев кажа дека сѐ уште го нема добиено писмото од струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во кое тој вели дека ги предава надлежностите во градежништвото на Владата, но рече дека кога ќе бидат исполнети законските услови, државата ќе ги преземе ингеренциите. „Го немам уште добиено писмото од господинот Мерко, а слушнав дека и Охрид сака да ги отстапи надлежностите во градежништвото. Државата ќе ги земе ингеренциите заради обврска. Обврската е средување на Охрид, Охридското езеро и охридската околина заради УНЕСКО, но и заради ставање на ред и поредок на одредени девијантни појави кои што се случуваат таму. Нашата намера е да постапиме согласно закон. Да избереме компании кои што ќе направат извршна постапка, ќе си тргнат записник по записник, дел по дел, да го исполнат тој дел од нашите обврски пред УНЕСКО, но и пред граѓаните. Владеење на закон, отстранување на нелегално изградени објекти кои што немаат право на легализација. Но, првин мора по закон да бидат исполнети условите за одземање на ингеренциите“, кажа Заев, одговарајќи на новинарско прашање за писмото на Мерко, на прес-конференција во Владата за Законот за Јавно обвинителство.