Охрид доби Центар за спасување на планина
среда, 10 јули 2019

centar1ee.jpgВо Охрид денес беше отворен  Центар за спасување на планина, како дел   на проектот „Регионот Охридско Езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам”.Центарот е финансиран со средства на Европската Унија во рамки на Програмата ИПА-02 за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.

На свеченоста присуствуваа амбасадорите на ЕУ во двете соседни земји, Самуел Жбогар и Луиџи Сорека, министерот за Локална самоуправа Горан Милевски и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.

“Центарот за спасување на планина ќе придонесе за подобрување на ефикасноста на Службата за спасување на планина и значително ќе го подигне нивото на безбедност на планинарите. Со вакви услови, нашиот регион и нашите преубави планински предели, стануваат безбедна дестинација за развој на алтернативни форми на туризам и промоција на планинарските спортови”,рече градоначалникот Георгиески.

Георгиески им се заблагодари на делегациите на Европската Унија во Република Северна Македонија и во Република Албанија кои ја препознале прекуграничната димензија на овој проект и потребата за поголемо и посоодветно планско и стратешко подобрување на условите за развој на нови форми на туризам, во овој регион.

.Во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и Кампањата на ЕУ „Креираме иднина заедно“, денес во Охрид се одржа и  Конференција за развој на туризмот во прекуграничнот регион, во чии рамки беа одржани неколку панел дискусии, на важни туристички теми. На Охридскиот плоштад беше одржана и саемска презентација на 9 проекти кои се имплемнтираат со средства од оваа програма.