Црвена Вода му се оддолжи на Ванчо Николески
понеделник, 09 јули 2018
crve1rrd.jpgСо поетско-музички хепенинг, вчера во селото Црвена Вода, Општина Дебарца, завршува традиционалната книжевна манифестација „Струшки книжевни средби – 2018“, која се одржуваше изминативе денови во Струга, Вевчани и Дебарца. Годинава имаше учесници од Македонија, Србија, Хрватска, Албанија, Русија и од Германија.

Жителите на Црвена Вода по многу години му се оддолжија на Ванчо Николески, основоположникот на македонската детска литература, роден во ова село.

Спомен собата на Ванчо Николески (Фото: Општина Дебарца)

Николески се смета за родоначалник на поезијата за деца, препознатлив по ненаметливите ритам и рима. Тој остави повеќе од 30 наслови, меѓу кои и „Волшебното самарче”.

Мештаните подготвија „Спомен соба на Ванчо Николески” во зградата кадешто завршил основно образование, а беше поставено и Спомен обележје на неговата родна куќа.

Во Црвена Вода, учесниците и гостите имаа можност да го погледнат изборот дела на реномирани уметници, кои во минатото учествувале во Ликовната колонија, како Јордан Манасиески, Ѓоко Целески, Васко Ташковски, Јоне Симонче, Вангел Наумоски, Сергеј Андреески, Мето Георгиевски и Петар Мазев.

За време на „Струшките книжевни средби“ беа доделени наградите „Крсте Чачански“ и „Јован Котески“, кои ги примија Владимир Плавевски и Елена Пренџова. Наградата „Книжевна далга“ му беше врачена на Виктор Шеќероски од Белград.