Витни Хјустон била сексуално малтретирана како дете
среда, 04 јули 2018
vitni1qq.jpgМајката на Витни Хјустон не знаела ништо за обвинувањата дека нејзините ќерка и син биле сексуално малтретирани кога биле деца сè до правењето на новиот документарен филм „Витни“, што ќе излезе в петок.

Во режија на Кевин Мекдоналд, филмот дава интимен портрет на трагичната поп-дива низ интервјуата со нејзините брат, мајка и пријатели и низ разни приватни снимки. Таа почина во 2012 година по долгогодишната борба со зависности, кои неретко водеа кон скандалозно однесување.

Патриша Хјустон, сопругата на братот на Витни, вели дека правењето на филмот било многу тешко затоа што тој откри семејни тајни. Токму таа ѝ кажала на Сиси Хјустон дека нејзината ќерка била злоупотребувана и дека за тоа ќе се зборува во филмот.

„Тоа беше сосема ново откритие за неа. Ѝ беше многу тешко да го чуе тоа, особено што нејзините деца никогаш не ѝ кажале. Тешко е да се носиш со тоа“, вели Патриша Хјустон.

Пејачката Ди Ди Ворвик, внуката на Сиси, била наводниот злоупотребувач. Овие инциденти наводно се случиле кога Гери и Витни имале меѓу седум и девет години и кога мајка им била на турнеја. Ворвик тогаш била 18 години постара од Витни.

Филмот сугерира дека токму овие непријатни искуства од детството придонесле Витни да се препушти на дроги подоцна во животот.

„Иако не можеме со сигурност да тврдиме, овие епизоди веројатно имале големо влијание врз несреќниот живот на Витни. Таа самата никогаш не зборувала за тоа“, вели Мекдоналд.