Њујорчани прават вино на врвовте на згради
сабота, 30 јуни 2018
pravat1qq.jpgУрбано земјоделство е еден од најновите трендови во Њујорк и други метрополски области во САД, како што се зголемува побарувачката по локално одгледувани производи.

Место да оди во Калифорнија, Девин Шумејкер е еден од многуте сопственици на мали бизниси кој искористи покрив од зграда за да направи минифарма. Тој тука најде совршен простор за свој виноград.

„Тука нема никаква опасност од заболувања. Постојаното струење на воздухот ги намалува шансите од појава на габи, а изложеноста трае со денови“, вели 34-годишниот претприемач и основач на компанијата „Руфтоп редс“.

И многумина други го искористија покривот ако просторот на земја е многу мал.

„Луѓето сакаат да знаат како е произведена нивната храна. Колку повеќе можете да им кажете на купувачите за вашите производи и колку поблиску до дома ги купуваат, толку подобро“, вели Дејвид Фалчек, извршниот директор на Американското здружение на винари.

И додека други производители допрва ги очекуваат плодовите од својот труд, „Руфтоп редс“ веќе се подготвува да го дистрибуира своето вино од покрив, што треба да се случи наредната година.

На просторот од 1.400 квадратни метри, што беше отворен за јавност во 2016 година, Шумејкер има засадено 42 реда од сортата Бордо. Во првата тура, тој очекува да добие околу 300 шишиња од своето црвено вино и планира да ги продава по 1.000 долари.

„Тоа е прво вино од таков вид и ќе има колекционерска намена. А, ако никој не сака да го купи, ќе го испијам самиот“, вели Шумејкер.