Франција ја испрати дома славната Аргентина
сабота, 30 јуни 2018
mesi1ee.jpgФранција ја исфрли Аргентина во осминафиналето на Светското првенство во Русија, уништувајќи му ја, веројатно, последната шанса на Лео Меси да се закити со најпосакуваната титула.

Ова, сепак, беше меч на којшто блесна една друга ѕвезда на светскиот фудбал. Вториот најскап фудбалер на сите времиња Килијан Мбапе постигна два гола и изнуди пенал во победата на Франција од 4:3, на спектакуларниот натпревар исполнет со пресврти.

Аргентина го сврте резултатот и поведе со 2:1 на стартот на второто полувреме, но прво Павар, а потоа и Мбапе со два гола во низа му донесоа навидум недостижна предност на светскиот шампион од 1998 година. Голот на Агуеро во судиското надополнување само им донесе мала лажна надеж на Аргентинците.

Не само 31-годишниот Меси, туку и целата аргентинска репрезентација одигра далеку под своите реални можности и големи очекувања на овој Мундијал, кој продолжува без двата финалисти од претходното СП.