Восочна фигура на Ширан во кафуле со мачки
среда, 13 јуни 2018
siran1qq.jpgМузејот „Мадам Тисо“ во Лондон изработи восочна фигура на најпродаваниот британски пејач Ед Ширан, но во прв момент ја изложи во едно кафуле.

Лондонското кафуле „Лејди Дајнас кет емпориум“ е познато по тоа што гостите тука седат и пијат пијачки опкружени со мачки и од музејот велат дека восочниот Ширан не случајно го поставиле тука.

„Познат како голем љубител на домашни миленици, изложувањето на фигурата во познато кафуле со мачки ни изгледаше како нешто што и тој би го одобрил“, изјави генералниот менаџер на музејот, Едвард Фулер, додавајќи дека фигурата наскоро ќе биде пренесена на своето вистинско место.

Освен карирана кошула, во каква што Ширан често може да се види, восочната фигура има и дел од неговите тетоважи.