Јубилејно издание на "Вдиши театар"
вторник, 12 јуни 2018
vdisi1qqd.jpgВо рамки на своите програми за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите, Црвен крст Охрид, со големо задоволство Ви го најавува јубилејното петто издание на Меѓународниот Аматерски Младински Театарски Фестивал со наслов: „Вдиши Театар“.

Целта на овој театарски фестивал е поттикнување на младите за искористување на својот театарски потенцијал, креирање театарска игра и прикажување театарски претстави. Фестивалот е можност за промоција на работата на театарски надарените волонтери на Црвен крст Охрид, но и поттик за останатите да се приклучат и ги стекнат и негуваат вештините на актерството. Самиот фестивал ќе биде еден чекор напред во подигнување на театарската култура, не само кај младите, туку и кај останатите граѓани, а воедно претставува и почеток на културното лето во Охрид.

Во четиридневната програма, својот актерски талент, умешност и креативност, низ 7 театарски претстави ќе го прикажат повеќе од 60 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од Охрид, Бар, Суботица, Требиње, Крагуевац,Битола и Крива Паланка што воедно ќе отвори можност за сплотување на актерите-аматери од градот и соседните држави, соработка, размена на искуства и стекнување нови пријателства.

Петтиот Младински Театарски Фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира во Охрид,  во периодот од 13  до 17 јуни 2018 година.Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 13.06.2018 (среда) во предворјето на црквата -Св.Софија со почеток во 21:00 ч. со прикажување на претставата „Во фиока“ под авторство и режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, а во изведба на театарската група на Црвен крст Охрид.

Ве покануваме на ПРЕСС средбата на 13.06.2018 (среда) во 13 ч. во просториите на Црвен крст Охрид,каде од страна на авторите на претставата и актерите ќе добиете повеќе информации и рекламен материјал за фестивалот.