Јавен час на локалитетот "Миќов град"
вторник, 12 јуни 2018
za7dd.jpgНа локалитетот „Плоча-Миќов Град“ (Залив на коските) кај Градиште во Охрид, којшто претставува предисториска наколна населба, во текот на следниов месец ќе се реализира ново археолошко истражување кое е во рамките на  меѓународен проект во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата - Скопје, Универзитетот во Берн и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид..

Во проектот за првпат ќе бидат применето дендрохронолошко датирање на археолошки локалитет во Македонија, така што ќе се анализираат дрвените колци од населбата, а воедно ќе се изврши и нивно ГИС мапирање со цел да се одреди точната позиција. На тој начин, ќе се утврди староста на секоја градба поединечно и прецизно ќе се одреди нивниот облик. Во рамките на проектот ќе се врши фотограметриско и 3Д моделирање на наодите и нивно кабинетско проучување со цел да се дефинираат социјалните, економските и симболичките процеси на заедниците што ја формирале и живееле во оваа предисториска наколна населба.

Почетокот на истражувањето со свои обраќања ќе го означат д-р Елеонора Петрова-Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство, д-р Алберт Хафнер, професор на Институтот за археологија при Унивезитетот во Берн и д-р Гоце Наумов, раководител на истражувањето.

На преставниците на медиумите ќе им биде презентиран планот на истражувањата, а ќе се демонстрираат и нуркачки активности на археолозите вклучени во проектот – истражувачи и студенти од Швајцарија и Македонија.

Управата за заштита на културното наследство ги поддржува иновативните и современи приоди во археолошките истражувања во Република Македонија кои можат да дадат нови одговори за нашето археолошко наследство. Воедно, ги поттикнуваме и поддржуваме партнерските меѓународни археолошки проекти сметајќи дека ваквата соработка не само што ќе ги зајакне научните врски, туку и ќе придонесе за  популаризација на нашето археолошко наследство во светот.   

 

Покрај примената на нови археолошки методи, една од целите на овогодинешното истражување е приближувањето на археолошките проучувања и методи до пошироката јавност. Поради тоа секојдневно ќе има отворен јавен час на локалитетот во когошто дендрохронолошката лабораторија и методите на истражување ќе им бидат презентирани на гостите. Тоа ќе овозможи сите заинтересирани љубители на минатото да се запознаат со процесот на истражување на една наколна населба, но и да дознаат повеќе за времето и начинот на живеење во предисторијата.

Новиот меѓународен проект е во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Универзитетот во Берн и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид. Во проектот за првпат ќе бидат применето дендрохронолошко датирање на археолошки локалитет во Македонија, така што ќе се анализираат дрвените колци од населбата, а воедно ќе се изврши и нивно ГИС мапирање со цел да се одреди точната позиција. На тој начин, ќе се утврди староста на секоја градба поединечно и прецизно ќе се одреди нивниот облик. Во рамки на проектот ќе се врши фотограметриско и 3Д моделирање на наодите и нивно кабинетско проучување со цел да се дефинираат социјалните, економските и симболичките процеси на заедниците што ја формирале и живееле во оваа предисториска наколна населба. Како резултат на овој проект ќе се формира и дендрохронолошка лабораторија во Музеј на Македонија, во која обучени македонски стручњаци ќе ја применат оваа метода во повеќе сфери на материјалната култура изработена од дрво, како што се археолошките артефакти и структури, иконите, инструментите, покуќнината итн.