Хари и Меган ќе прават свадба без политичари
вторник, 10 април 2018
hari1q.jpgПринцот Хари и Меган Маркл не ги поканиле водечките британски политичари, премиерката Тереза Меј и опозицискиот лидер Џереми Корбин, на својата свадба на 19 мај.

Одлуката да немаат официјална листа на политички лидери значи дека ниту американскиот претседател Доналд Трамп нема да добие покана.

Ваквата одлука била донесена врз основа на големината на црквата во којашто ќе се одржи венчавката, но и поради фактот дека Хари моментално е петти во редот за наследување на тронот, а ќе падне на шестото место кога наскоро ќе се роди третото дете на Вилијам и Кејт.

Истовремено беше потврдено дека и Барак и Мишел Обама, кои се пријатели со принцот Хари, нема да бидат поканети.

Меѓу 1.200 јавни гости на кои ќе им биде дозволен пристап во замокот Виндзор е и 12-годишната Амелија Томпсон, која беше повредена во терористичкиот напад во Манчестер во мај 2017 година.

„Одлуката да не се канат политичари на свадбата беше донесена во консултација со владата“, објави палатата Кенсингтон.

За разлика од неговиот брат Вилијам, Хари ќе прави помала свадба и тој претходно реши да покани обичен народ, место јавни личности и политичари.