За да се извади" Мона Лиза" од Лувр требаат 35 милиони
четврток, 05 април 2018
monaliza1qq.jpgПланираната голема турнеја на „Мона Лиза“ низ Франција би можела да пропадне, откако „Лувр“ проценил дека изнајмувањето на сликата на три месеци би можело да чини 35 милиони фунти.

Музејот дошол до оваа астрономска сума, откако во неа ги вклучил транспортните и осигурителните трошоци и сопствените загуби од разочараните туристи, бидејќи 95% од посетителите доаѓаат во „Лувр“ за да ја видат најславната слика на светот.

Минатиот месец, министерката за култура Франсоаз Најсен кажа дека сериозно размислува да ја прати „Мона Лиза“ во Ланс во северна Франција, каде што „Лувр“ има своја подружница. Тоа било дел од идејата најпознатите слики од париските музеи да се преселат во други градови, но Најсен почна да се премислува откако ги видела трошоците.

Според „Паризиен“, без „Мона Лиза“, „Лувр“ би загубил околу 20 милиони фунти од откажувањето на туристичките аранжмани.

Ремек-делото на Леонардо да Винчи за последен пат беше изнесено од „Лувр“ во 1974 година, кога привремено беше изложена во Токио и една жена се обиде да ја оштети со црвен спреј.