Над два милиони патници патувале преку охридскиот...
вторник, 09 јануари 2018

al1q.jpgДва милиона патници (2.027.344) патувале преку скопскиот и охридскиот аеродром во 2017 година, што претставува пораст од 13% споредено со 2016 година, соопштуваат од ТАВ Македонија, сумирајќи ги податоците за авиосообраќајот за изминатата година.  

- Завршивме уште една успешна година за ТАВ Македонија, достигнувајќи 2 милиона патници на двата аеродрома „Александар Велики“ – Скопје и „Св. Апостол Павле“ – Охрид, со пораст од 13% споредено со 2016 година. Ова е резултат на новите линии што беа додадени на нашата мрежа на скопскиот и на охридскиот аеродром. Пет нови дестинации – Будимпешта, Малта, Рим, Ваксјо и Доха почнаа да сообраќаат од/до аеродромот во Скопје, додека на аеродромот во Охрид воведовме нови сезонски летови од Катовице, пречекувајќи полски туристи за прв пат. Во 2018 година и понатаму ќе бидеме фокусирани на проширување на мрежата со авиолинии, но исто така и на нашата цел да обезбедиме услуги со висок квалитет на нашите патници и клиенти - изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија 

 

Паралелно со порастот во сообраќајот на патници, вкупниот број на летови на двата аеродрома во Скопје и во Охрид е зголемен за 7%, достигнувајќи 18.130 летови во 2017 година.

 

Според податоците за сообраќајот на патници, најфреквентни дестинации од скопскиот аеродром во 2017 година беа Истанбул (аеродромите Ататурк и Сабиха Гокчен) со 12,3% пазарен удел, Цирих (8,6%), Виена (6,5%), Базел (5,3%), Малме (4,6%) и Лондон (3,7%).

 

Во однос на уделот на авиокомпаниите во сообраќајот на патници, Виз ер има превезено најголем број патници со 59% пазарен удел.    

 

Седми август беше најфреквентниот ден на аеродромот во Скопје во 2017 година, кога вкупно 8.283 патници беа превезени со 98 летови, како резултат на УЕФА Супер купот.   

 

Скопскиот аеродром во 2017 година го забележа најпрометниот август досега, опслужувајќи 216.409 патници со 23,7% пораст на годишно ниво.  

Покрај значителниот пораст на бројот на патници, 2017 година исто така беше успешна за ТАВ Македонија и поради тоа што SkyTrax го рангираше скопскиот аеродром меѓу десетте најдобри аеродроми во Источна Европа, што е трет пат по ред, по 2015 и 2016 година.   

Во моментов, мрежата на линии на аеродромот „Александар Велики“ – Скопје има вкупно 36 дестинации, а 11 редовни авиокомпании ги опслужуваат овие линии. На аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид има 3 редовни дестинации во текот на целата година и 4 дополнителни сезонски чартер-дестинации во текот на летото. Три нови сезонски авиолинии од Охрид до Варшава, Талин и Ајндховен се најавени да бидат воведени во 2018 година.