Пештанци фатени во криволов
вторник, 09 јануари 2018

mrez2s.jpgПоради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело  „незаконит риболов“, Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против М.Р. (60) и С.Р. (36), двајцата од Пештани.

Пријавените, казненото дело го сториле на 28-ми ноември минатата година околу 17 часот, кога со пловен објект-кајче управувано од М.Р. влегле во водите на Охридското Езеро. Тоа го направиле откако претходно во кајчето ставиле комплетен риболовен алат и две рибарски мрежи, со кои е забранет риболовот согласно одредбите од Законот за рибарство и аквакултура. Двајцата пријавени, рибарските мрежи ги фрлиле во водите на Охридското езеро на подрачјето над Пештани, по што уловиле двеста триесет и седум парчиња риба „белвица“ со вкупна тежина од 19 килограми и 615 грама. Полициските службеници ги затекнаа сега пријавените во момент по излегување од езерските води и изнесување на рибарскиот прибор и мрежите  заедно со уловените риби.

За настанот беше известен дежурен Јавен обвинител а по наредба на судија на претходна постапка при Основен суд Охрид, извршен е претрес на пловниот објект и одземени се мрежите и другиот риболовен алат заедно со уловената риба во свежа состојба.      

     

 

 

 

 

 

 

                               
Последни измени ( вторник, 09 јануари 2018 )