Кутињо трет најскап фудбалер на сите времиња
недела, 07 јануари 2018
kutinjo1qq.jpgНајголемата трансфер сага во светскиот фудбал во последните неколку месеци конечно заврши, откако Ливерпул потврди дека Филипе Кутињо ќе се пресели во Барселона.

Двете страни постигнаа договор за трансферот тежок 160 милиони евра, со што бразилскиот играч за врска ќе стане третиот најскап фудбалер на сите времиња, зад својот сонародник Нејмар (222 милиони) и младиот Французин Килијан Мбапе (180).

Над 100 милиони евра беше платено уште за Усмане Дембеле и за Пол Погба, кои вредеа по 105 милиони.

„Ливерпул може да потврди дека Филипе Кутињо ќе го напушти клубот откако беше постигнат договор со Барселона. Останува да ги помине лекарските прегледи и да ги договори личните услови“, соопшти англискиот клуб.

Тренерот Јирген Клоп кажа дека Кутињо уште од јуни инсистирал на овој трансфер.

„Не е тајна дека тој сакаше да си оди уште во јуни. Тој инсистираше кај сите во клубот овој трансфер да се реализира. Тој имаше фантастичен придонес во клубот во последните пет години и колку и да сме разочарани, му посакуваме сѐ најдобро“, изјави Клоп.