Бившиот спортски ас О Џеј Симпсон пуштен од затвор
понеделник, 02 октомври 2017
simspon1qq.jpgПоранешната спортска ѕвезда О Џеј Симпсон беше пуштен од затвор во американската држава Невада нешто по полноќ по локално време, соопшти тамошниот оддел за спроведување санкции. Властите велат дека го пуштиле 70-годишниот Симпсон во 00.08 часот за да се зачува јавниот ред и мир и да се намали потецијалот за инциденти. На Симпсон му беше одобрено условно пуштање на слобода во јули откако отслужи речиси девет години во затвор за учество во вооружен грабеж и киднапирање во 2007 година во Лас Вегас.

Симпсон беше во центарот на вниманието на американската јавност пред повеќе од 20 години за време на сензационалното судење за убиството на неговата сопруга Никол Симпсон и нејзин пријател. Симпсон беше ослободен од обвиненијата во случај што ја подели Америка на расна основа.

Повеќе од 10 години откако беше ослободен од обвиненијата, поранешната НФЛ ѕвезда повторно се судри со законот, кога заедно со неколку други соучесници, упадна во хотелска соба во Лас Вегас и ограби двајца колекционери на спортски сувенири.