Стивенс го освои УС-Опен и освои 3,7 милиони долари
недела, 10 септември 2017
stiv1ww.jpgСлоен Стивенс го заокружи својот неверојатен камбек со освојувањето на првата гренд слем титула во кариерата, откако во финалето на Отвореното првенство на САД ја прегази својата добра пријателка Медисон Киз со 6:3, 6:0.

Дваесет и четиригодишната Американка настапи како неносителка, имајќи предвид дека во Њујорк пристигна како 83. тенисерка на светот, но пред само еден месец таа се наоѓаше на 934. место на ВТА-листата, како резултат на паузата поради повредата на стапалото. Таа утре ќе скокне на 17. место, а овој триумф ќе и донесе и 3,7 милиони долари.

По доделувањето на трофеите, двете противнички седнаа и поразговараа како најдобри пријателки.

„Да бидам искрена, против никој друг не би сакала играм. Ова е голем момент за нас двете. И реков дека би сакала да биде нерешено, зашто двете заслуживме да бидеме победници“, изјави Стивенс.

Од 1975 година, само уште двапати победничка била играч надвор од топ-10: Ким Клајстерс во 2009 и Флавија Пенета во 2015 година.