Стојановски:ВМРО-ДПМНЕ наметнува бесмислени теми
сабота, 09 септември 2017

jovce5t.jpg-Обидите на ВМРО-ДПМНЕ да наметнува бесмислени теми во пресрет на локалните избори не смееме да дозволиме да создаваат страв помеѓу граѓаните. Тоа им е единствено што им преостанува, бидејќи и самите се преплашени што правдата конечно ги стигнува. Креирање на лажни вести и сеење на страв помеѓу населението, се нивниот карактеристичен метод на владеење, кој имавме можност повеќе од една деценија да го гледаме и искусиме на сопствената кожа.

ДПМНЕ граѓаните најпрво ги заплашуваше со албански платформи, двојазичност и слични небулози. Сега се обидуваат тоа да го прават со некакво населување на бегалци од Блискиот Исток во Република Македонија. Одат дотаму што тврдат дека Министерството за труд и социјална политика ќе градело станови за бегалците. Да не беше смешно, ќе беше трагично. Како и многупати досега, така и сега, ВМРО-ДПМНЕ ГИ ЛАЖЕ сопствените граѓани.

Во моментов, на територијата на нашата држава ниту поминуваат бегалци, и најодговорно тврдиме, ниту некој ќе гради станови за сместување на бегалци. Станови ќе има за македонските граѓани кои се социјални случаи, а не за некакви измислени бегалци. Граѓаните се свесни дека овие смешни приказни доаѓаат од центарот за манипулации на ДПМНЕ. Граѓаните знаат и со свои очи гледаа како пред околу година дена, повеќе од милион бегалци доаѓаа преку Грција и ги ризикуваа животите само што побрзо да ја напуштат територијата на Македонија. Нашата држава беше само транзитна, попатна станица на нивниот пат кон Западна Европа.

Апсурдна е предлог одлуката за распишување на референдум за стратегијата за бегалци, која локалната власт на ДПМНЕ и Бакрачески ја наметнаа на седницата на Совет закажана за понеделник. Правото на граѓаните за организирање на референдум е неприкосновено, меѓутоа истото треба да се користи за прашања кои се клучни за граѓаните, а не за спас на Никола Груевски. Всушност ова е идентична стратегија како онаа која во 2009та ја гласаше владата на Груевски, меѓутоа тогаш ДПМНЕ беше на власт и немаше потреба да го заплашува населението со вакви измислени теми. Дури и да се одржат локалните референдуми, СДСМ ќе ги повика граѓаните да гласаат против наводните станови за нивно сместување, бидејќи тие се измислица на ДПМНЕ и такво нешто нема да се случи.

 

Ве уверуваме дека ќе помине и оваа лага. Граѓаните знаат, граѓаните препознаваат кој ја говори вистината. Токму граѓаните се тие кои изгласаа победа на вистината над режимот на ДПМНЕ, и токму граѓаните се тие кои на 15-ти октомври ќе гласаат за живот во Охрид, за живот во секоја општина на Република Македонија,порача координаторот на советничката група на СДСМ-Охрид Јован Стојановски на денешниот прес.