Македонија го слави денот на независност
петок, 08 септември 2017
nezavisnost77.jpgМакедонија денес слави 26 години од незавиноста. Над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година позитивно одговорија на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.