Ќе се распише оглас за нов Јавен обвинител
четврток, 07 септември 2017
sobranie100p.jpgСо 61 глас “за”, Собранието го усвои предлогот да огласи именување на Јавен обвинител на Република Македонија. Ова се случи попладнево, откако пратениците на опозиционата ВМРО -ДПМНЕ ја напуштија салата за да не присуствуваат на гласањето.

А нејќеа да гласаат, како што рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, зашто првично претседателот на Собранието Талат Џафери му рекол дека поради немање доволен број пратеници од мнозинството, огласувањето на новиот обвинител ќе се гласа во понеделник.

Џафери појасни дека во меѓувреме дошле пратениците од парламентарното мнозинство и се создале услови за гласање на огласот. Во моментов има 15-минутна пауза, на која координаторите се договараат за текот на оваа собраниска седница. Утре е неработен ден, не е познато точно кога ќе излезе во Службен весник огласот за избор на нов ЈОРМ.

По распишувањето на огласот во „Службен весник“, во рок од 15 дена ќе се пријавуваат кандидати за нов Јавен обвинител на Македонија. За нив ќе треба потоа позитивно мислење, ако има, да даде Советот на јавни обвинители. Советот може за ниту еден од кандидатите да не даде позитивно светло, со што, во таква ситуација огласот ќе мора да се повтори.