Фонда и Редфорд:Сексот на стари години е подобар
сабота, 02 септември 2017
redfo1q.jpgПостарите ѕвезди најсветло сјаат на Венецискиот филмски фестивал – и многу се забавуваат. Веселите Роберт Редфорд и Џејн Фонда донесоа гламур на фестивалот, со нивната романса во зрело доба „Нашите души ноќе“. Повеќе од пет децении откако првпат играа заедно, тие  играат во драмата на Нетфликс за соседи, вдовец и вдовица, кои почнуваат врска. Судејќи според ѕвездената реакција од публиката од Венеција, хемијата што ја осветли романтичната комедија од 1967 „Боси во паркот“ – еден од нивните најзапаметени заеднички филмови – останува силна.

Фонда рече дека го сака фактот што „овие филмови ја опишуваат нашата кариера“. Во „Боси во паркот“, рече таа, „игравме млада љубов на штотуку венчани, а сега играме љубов на стари луѓе – и сексот на стари луѓе“.

„Иако, според мое мислење, Ритеш прерано ја прекина секс-сцената”, додаде Фонда, мислејќи на режисерот Ритеш Батра.

За Редфорд, таа рече: „Живеам за секс сцени со него“.

81-годишниот Редфорд и 79-годишната Фонда добија награда за животно дело од фестивалот. Тие се меѓу низата постари ѕвезди на Венецискиот фестивал, кој трае до 9 септември. Џуди Денч, Хелен Мирен, Доналд Сатерленд и Мајкл Кејн ќе прошетаат со свои филмови на црвениот килим.

„Живеам за секс сцени со него“, вели Фонда. „Сакав да направам уште еден филм со неа пред да умрам”, рече Редфорд (Фото: АП)

Редфорд е продуцент на „Нашите души ноќе“, кој се базира на романот на Кент Харуф. Тој рече дека тоа го направил делумно поради тоа што филмската индустрија е опседната со млади и не прави доволно филмови за постарата публика.

Фонда вели дека сметала оти застапеноста на постарите луѓе се подобрува, на што укажува серијата на Нетфликс „Грејс и Френки“, во која таа игра жена која од неодамна останала сама.

„Имав веќе три љубовници во таа серија“, рече таа. „Јас сум многу среќна што на постарите жени им даваме лице во културата“.

Таа рече дека „љубовта и сексот се подобриле со возраста, бидејќи, пред сѐ сме храбри – што има да изгубиме? Значи, кожата ми е опуштена – ама и неговата исто така“, вели Фонда.

Двете филмски икони велат дека биле воодушевени повторно да работат заедно, и тоа се покажува во топлината на нивната врска на екранот.

„Сакав да направам уште еден филм со неа пред да умрам”, рече Редфорд. Фонда вели дека нејзините ликови често се заљубуваат во Редфорд, и „сакав да видам како е повторно да се вљубиш во него“.

„Беше забавно да го бакнам во моите 20-ти и потоа повторно да го бакнам во моите речиси 80-ти“, рече Фонда.