Од први октомври се враќа ефтината тарифа за струја
четврток, 24 август 2017
strujomer230p.jpgОд први октомври се враќа евтината струја преку ден. Евтина тарифа граѓаните ќе можат да користат, ама секој работен ден и сабота, од 14 до 16 часот. Како што кажаа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес конференција, оваа владина мерка за подобрување на животниот стандард на граѓаните ќе чини 8 милиони евра годишно, а трошоците ќе се покриваат со домаќинско работење на енергетските компании.
Сите чинители беа консултирани и од ЕВН добивме позитивен одговор за оваа мерка. Намалувањето на непродуктивните трошоци на ЕЛЕМ и МЕПСО, ќе доведе до заштеди кои ќе се наменат за ефтината тарифа на струјата, со еден збор домаќинското работење на овие државни компании, како и на ЕВН ќе овозможи спроведување на оваа владина мерка. Нема да даваме субвенции на ЕВН“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Премиерот Зоран Заев истакна дека воведувањето на евтината тарифа нема да доведе до зголемување на цената на струјата.

„Зголемувањето на цената на струјата зависи од берзанските цени. До 1 јули имаме загарантирана цена на електричната енергија, но не очекуваме ниту потоа тенденција на раст“, рече Заев.

Според проценките на Владата доколку граѓаните ја користат евтината струја за вклучување на апаратите од домаќинството заштедите можат да бидат од 30 до 40 отсто.