Во сабота стартува Охридскиот пливачки маратон
понеделник, 14 август 2017
maraton100.jpgВо сабота , на патеката „Климе Савин“ ќе се одржи 31. издание на Охридскиот пливачки маратон. Овогодинешното издание на маратонот, побуди голем интерес кај натпреварувачите кои доаѓаат од повеќе држави низ светот. Вкупно 22 натпреварувачи во сабота ќе ги одмерат своите сили и тоа 15 натпреварувачи во машка и 7 во женска категорија.

Оваа година главен организатор е Општина Охрид во соработка со Пливачката федерација на Македонија и Агенцијата за млади и спорт.

Охридскиот пливачки маратон од 1962 година се случува во водите на Охридското езеро. Првата маратонска трка се одржала дури во 1954 година во должина од 2,5 километри а по неколку години трката се претвори во 30-километарско макотрпно докажување на спортски и пливачки способности, истрајност, дисциплина и храброст.

Патеката на охридскиот маратон започнува од манастирот „Свети Наум“ и завршува на градското пристаниште во Охрид. Поради долгата традиција овој маратон од 1998 година стана дел и од Гран при серијата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) која заедно со пливачката федерација на Република Македонија со години го организира овој прекрасен спортски настан. Патеката е со долга традиција, воспоставена во 1992 година и е наречена „Климе Савин“. Неприкосновен шампион на оваа патека со години беше легендарниот Петар Стојчев од Бугарија со дури 11 победи. Минатата година златото го освои македонскиот пливач Томи Стефановски.

Женските трки во овој маратон се одржуваат уште од самите зачетоци кога Атина Бојаџи беше првата жена да победи на трката во 1962 година. Минатата година златото го зеде Олга Кузудуб од Русија.

Последни измени ( понеделник, 14 август 2017 )