Смени во Струшките вечери на поезијата
петок, 11 август 2017
darko1ww.jpgПоетот Дарко Лешоски е новиот претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата (СВП). Лешоски доаѓа на местото на поетот Славе Ѓорго Димоски, кој на оваа функција беше од 2008.

„Чест ми е да се вложам целосно во враќањето на сјајот на СВП. Сакам да застанам ‘на нозе’ прво и да разговарам со сите луѓе вклучени во СВП пред да дадам било каква изјава околу тоа“, ни рече денеска Лешоски на прашањето за тоа каков ќе биде неговиот концепт за најголемата поетска манифестација во земјава.

Тој на ова место доаѓа од позицијата во новиот владин сектор за информации.

Дарко Лешоски, родум од Вевчани, се прослави со поезијата што ја објавуваше прво на Фејсбук, а во 2013 излезе неговата прва збирка „Дете од лоша фамилија“ во издание на „Табернакул“. Промоцијата беше еден од најпосетените поетски настани, а целиот тираж на збирката се потроши за рекордно кусо време. Во јули годинава излезе неговата втора збирка, „…И тогаш Јаков му дари на Јосиф шарена облека“, приватно спонзорирано издание без поддршка од Министерствота за култура. Како граѓански активист изминативе години Лешоски беше активен на социјалните мрежи и на протестите на Шарената револуција.

Годинашното 51. Издание на СВП ќе се одржи на крајот на месецов, но иако на директорот Мите Стефоски му е истечен мадантот, тој ќе остане на функцијата и по локалните избори закажани на 15 октомври. Од Министерството за култура велат дека и покрај истечениот мандат, не може да распишат конкурс за нов директор бидејќи е започнат предизборниот период. Нов директор ќе се бира по завршувањето на локалните избори.

Годинашен лауреат на Златниот венец на СВП е американскиот поет со српско потекло Чарлс Симиќ.

СДК