Почина пливач додека го препливувал Ламанш
вторник, 08 август 2017
pocina1ww.jpgБританецот Даглас Вејмарк почина при обидот да го преплива каналот Ламанш, соопшти британската полиција, јави Би-Би-Си.

Во текот на пливањето до францускиот град Кале, кога бил на околу 22 километри оддалечен од англиското пристаниште Довер, Вејмарк се пожалил дека не му е добро, а потоа побарал и лекарска помош.

Веднаш била повикана британската крајбрежна стража, која испратила хеликоптер. Пливачот бил итно префрлен во болницата во градот Ашфорд, во јужната англиска област Кент, но лекарите не успеале да му го спасат животот.

Полицијата отвори истрага за инцидентот, но соопшти дека смртта на Вејмарк не се смета за сомнителна, без да даде какви било други детали.

Даглас Вејмарк, кој бил на четириесет годишна возраст, учествувал во натпреварување во супер-триатлон, што почнало во Лондон, а требало да заврши во Париз.

Учесниците во оваа исклучително тешка дисциплина, прво трчале од Лондон до Довер во должина од 140 километри, па потоа требало да се преплива Ламанш, а на крајот да возат со велосипед од Кале до центарот на Париз, во должина од 290 километри.

Неговите пријатели изјавиле за лондонските медиуми дека тој целиот свој живот го има посветено на спортот и тешките натпреварувања и дека бил свесен за ризикот на кој се изложил со ова натпреварување. 

Последни измени ( вторник, 08 август 2017 )