Мерцедесот од 600 илјади евра пред очите на јавноста
недела, 11 јуни 2017
merc1q.jpgМерцедесот вреден 600.000 евра, изгазен од мачки, со неколку гребаници и полн со трошки од сусам по седиштата министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го стави пред очите на јавноста.

Сензори, екрани, далечински управувачи – ултра луксузниот „Мерцедес“, бил паркиран во подрумите на Владата, а состојбата во која беше затекнат покажала дека во последниов период воопшто не била водена грижа за него. Министерот рече дека „Мерцедесот“ неколкупати возел на релација Пробиштип-Скопје, но не сакаше да открие дали бил користен од доскорешниот технички премиер Емил Димитриев или, пак, од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 
 

„Полицајците во Македонија немаат униформи, немаат возила да ги извршуваат своите работи, меѓутоа ова Министерство имаше храброст да купи возило од 600 илјади евра за тогашниот премиер, Никола Груевски, по специјална нарачка - со сараунд систем, клима, монитори на задните седишта и друга опрема“, изјави Оливер Спасовски.
Гумите на луксузниот Мерцедес се излитени, а според Спасовски, досега биле потрошени два пара гуми. Само еден пар гуми за ова возило чини 20.000 евра бидејќи се тоа гуми отпорни на куршуми. За „Мерцедесот“ јавноста првично слушна од „бомбите“ кои ги објави опозицијата.

Министерот Спасовски потенцираше дека владини функционери нема да се возат во овој автомобил, туку дека ќе биде користен само за делегации од прв степен. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се јави со реакција.. Во долго писмено соопштение партијата наведе кои странски делегати се возеле и го обвини СДСМ за неговата негрижа, бидејќи ова министерство речиси една година не е раководено од кадар на ВМРО-ДПМНЕ. 
 

Инаку, за набавката на овој автомобил СЈО ја отвори истрагата „Тенк“ , каде се сомничат екс-министерката Гордана Јанкуловска и поранешниот премиер Никола Груевски за злоупотреба на службена положба при вршење јавни набавки.